ПАЛАНЕЧКА МЕЛНИЦА НА ДУШИ

Какво време дојде, ако не се изјасниш за Дарко Лешоски барем со збор-два како да не си (од) тука, како да си на некоја друга планета или барем некој од оние астероиди што зачестено профучуваат покрај нас. А јас дури да кажам „а“, човеков крена раце од нас. Подобро и не сме заслужиле зашто уште еднаш, по којзнае кој пат, ја покажавме целата разорна моќ на македонската паланечка (не)култура, толку длабоко вкоренета во македонскиот јавен простор. Барем да му дадеа шанса, па ако / нека ја прокоцка и тогаш да имаме за што да го критикуваме. И да го смениме, и да му удриме ќотек, ако треба. Вака … Но, можеби и му направија услуга, зашто и не е некоја посебна чест да бидеш претседател на Управен одбор на Струшките вечери, онакви какви што ги наследуваме од неписмената орда. А во тој Управен одбор само Лешоски им засмета? Оние другите, оние анонимуси покрај него – тие се ок? А оние претходните? Но добро, и тоа е ука, и на тоа треба да се учат младите, па кога ќе станат пет-шеесет годишници, тогаш државата (повторно) ќе им даде шанса! Не знам што и како ќе направеше Лешоски со Струшките вечери. Веројатно имал некаква идеја инаку не би се нафатил на работата. Нема да дознаеме, во блиска иднина. Но, признавам, ме допре неговата претходна „исповед“ на неговиот матичен медиум – ФБ! И бидејќи го споредуваа со некои повозрасни и демек посериозни претходници на Струшките вечери, ќе се осмелам да кажам дека многумина од тие „заслужници“ на македонската поезија и култура во животот не напишале толку бурен и животен текст!

Но, она што беше уште помизерно беше поистоветувањето на младиот поет со еден возрасен … ај да не кажам што … кој исто така, демек, „се откажа“ од понуденото функционерско место. Е тоа е уште погрозната страна на паланечката мелница на луѓе, кога ве поистоветуваат со секакви, па и такви, а со кои немате ама баш никаква допирна точка, освен фактот, или актот, дека сте постапиле слично во дадена ситуација. Иако ни ситуацијата ниту постапката не е слична, апсолутно! Уште помалку луѓето. Ама паланката не бира средства и методи, не бара да ги согледува нештата трезвено и објективно, туку работи методично по принципот на дискредитации, гласини, „мислења“, „ставови“ … најчесто од тотално некомпетентни луѓе. Да, разбирам што е демократија и јавно мислење, особено потребата истите да ги имаме денес и овде – некои ќе речат дека за тоа се бореле, јас не, не’ сум се борел за ништо, можеби сум се залагал за нешто а тоа нешто, ете, добило шанса – ама се’ има свои граници. Или барем треба да ги има. А тие граници ги поставува вистинската култура, онаа на културната демократија, на културниот дијалог, на правата на единката, па и на фактот дека никој не е виновен додека не се докаже спротивното. А детево го осудија на жими мајка, прво само затоа што е млад, што е најстрашно, а потоа и заради тоа што бил неискусен – демек Струшките вечери едно искуство, па, па, па – а во крајна линија најгласни беа коментарите зошто тој а не јас, или нешто слично, а ова вадеше очи меѓу редови! Некои кои се немаа огласено цела деценија, кои не кажаа збор за злосторничкото здружение и нивните криминали, сега кренаа глас. Демек – во одбрана на демократските права. За разлика од тоа, ниту еден, или сосема мал број, регистрираше дека еден од симболите на македонската пролет, новинарот Кежаровски, ја напуштил земјата во потрага по подобро денес и утре. Тој, имено, не го заслужи нивното демократско внимание, ама детево – да, само заради фактот што сакало да се нафати на неблагодарната работа (тоа го потпишувам уште еднаш!) наречена Струшки вечери на поезијата.

И овде веќе започнува да работи и паранојата, мојата секако, дека паланката се има удружено во интерес токму на тој мастодонт на македонската (не)култура – иако некои сакаат да го прикажат како перјаница на македонската поезија и симбол на македонскиот идентитет, што е чист нонсенс во даденава ситуација – само за да се задржат некои / нечии позиции, некои закостени односи, некои анахрони теченија на „поезијата“. Не спомнувам (барем засега) бенефиции и финансии, но тие се во самата срж на прашањето, како впрочем и во целата македонска култура во изминатава деценија. Паланката по правило сака нештата да остануваат по старо, зашто секоја промена е ризик, а промената со млади и квалитетни луѓе е двоен ризик. И, очигледно, нивната пропаганда поминува, фаќа корен дури и денес, неколку месеци по обидите за демократизација на македонското општество! За жал, секако.

Leave a comment